Синот на легендарниот германски Формула 1 возач Михаел Шумахер, Мик, тргна по стапките на својот татко и веќе во наредната сезона ќе вози во Формула 4 шампионатот.
Петнаестгодишниот Мик потпиша договор со холандската екипа “Ван Амерсфорт“, чиј сопственик Фриц Ван Амерсфорт изјави дека синот на Михаел го заслужил местото во екипата, благодарение на неговиот талент и возачки способности.
Младиот Шумахер минатата сезона настапуваше во картинг шампионатот на Германија, каде заврши како втор во генералниот пласман.
Мик своето деби во Формула 4 шампионатот треба да го има на 25 и 26 април во Осхерслебен во Германија, само неколку дена откако ќе наполни 16 години.
Неговиот татко Михаел е најуспешниот возач во историјата на Формула 1 со седум шампионски титули.