Разочарувачки крај на Мундијалот им приредија фудбалерите на Бразил на огромната армија навивачи. Но, разочарувањето е присутно и кај играчите, кои на последните два натпревара претрпеа два убедливи порази и имаат вкупна гол разлика (на двата дуела) 1:10 за четврто место.
– Ние сме фрустрирани. Не заслуживме ваков крај. Многу малку спијам по сите овие случувања. Но, за жал тоа е фудбалот. Ова е големо разочарување и им се извинувам на сите кои не бодреа во дуелите со Германија и со Холандија и на крајот ни свиреа, но тоа е сосема нормално, изјави капитенот на „кариоките“ Тиаго Силва.
Бразил досега двапати Мундијалите го завршуваше на третото место (1938 година и 1978 година), а ова му беше втор пораз во натпреварот за 3.место (1974 и 2014 година).
Со пет шампиони титули Бразил и натаму е најуспешната репрезентација на Светските првенства.