Досегашниот ракометар на Вардар, Сергеј Горпишин, потврди за руските медиуми дека го напушта македонскиот шампион.
„Од Скопје си зедов сè со себе. Штотуку се разделивме со Вардар. Сите документи се потпишани и јас повеќе немам никакви обврски кон клубот. Долговите кон мене од страна на Вардар не се целосно подмирени, но клубот е обврзан да ме исплати и јас верувам во тоа. Како ќе биде – ќе видиме,“ изјави Горпишин за медиумите од татковината.
Рускиот кружен напаѓач „раскинува“ со „црвено-црните“ по само една одиграна сезона, иако потпиша договор за две.
Тој најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во Бундеслигата, каде во минатото настапуваше за тимот на Ерланген.