Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини ги пофали македонските репрезентативци за залагањето и покажаната желба за позитивен резултат на натпреварите на ЕВРО 2020.
И покрај денешниот пораз од Украина (1:2) Сејдини е задоволен од изданието на „црвено-жолтите“, посебно во второто полувреме.
– Од самиот почеток на Европското првенство кажав дека мотивот и желбата за победа кај играчите постои. Првото полувреме не бевме на посакуваното ниво, но се покажа карактерот кај нашите фудбалери кои демонстрираат желба за победа и тоа дека сакаат да ги израдуваат нашите верни навивачи кои денеска беа многубројни на трибините во Букурешт. Им честитам на стручниот штаб и на фудбалерите за прикажаната игра.
Против Холандија шансите се 50-50. Ние на секој натпревар одиме на победа, изјави Сејдини.
Македонските фудбалери во последното, трето коло од групната фаза, в понеделник во Амстердам ќе играат со Холандија во обид да ги освојат првите бодови на евро-шампионатот.