Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски изјави дека неговите избраници заслужено го одбранија шампионскиот трофеј во фудбалското првенство на Македонија и изрази уверување дека во новата сезона „црвено-црните“ ќе минат барем едно коло во Лигата на шампионите.
– Сосема заслужено ја освоивме титулата, и мислам дека покажавме дека сме најдобри и во оваа сезона. Сега ни претстои малку одмор, па потоа подготовките за настапите во Лигата на шампионите. Се надеваме дека ќе успееме ова лето да минеме барем едно коло во квалификациите во ЛШ. Добар дел од противниците се познати, и можам да кажам дека се незгодни. Меѓутоа треба да си ја гледаме нашата работа, да се подготвиме добро за тој предизвик и за она што не очекува, нагласи предводникот на Вардар.
Слично размислува и столбот на одбраната на вардарци, Бобан Грнчаров.
– Заслужено сме шампиони, разликата не е мала, така да задоволни сме. Сега останува да се подготвиме за Лигата на шампионите. Треба прво да го добиеме противникот, па потоа да коментираме. Меѓутоа залудно сме освоиле титула, ако во Европа не направиме ништо, додава Грнчаров.
Вардар вчера ја освои 11. шампионска титула во самостојна Македонија.