Последната временска прогноза за трката во Сао Паоло укажува дека недела е денот со најголеми шанси за дожд.
Веб страната www.weather.com во моментот на објавување на оваа вест прогнозира дека времето во Бразил ќе се расипе во сабота попладне, кога по локално време се очекува дожд и грмотевици. Ваквото време ќе се задржи речиси целото попладне, но не е извесно дали ќе има ефект врз квалификациите кои треба да започнат токму во 14 часот, бидејќи веројатноста за дожд е 30%.
Дождот се очекува да биде во континуитет од сабота навечер во 20 часот, се до утринските часови во недела, додека интензитетот ќе се менува во следните 24 часа, иако се очекува да трае заклучно со понеделник. Со други зборови, петочните тренинзи кои се возат на суво време и температура од 30 степени Целзиусови, нема да имаат допирни точки со ситуацијата во недела, кога се очекува десетина степени постудено време, а најголеми шанси дождот да сопре има околу 16 часот, или кон крајот на трката.
Ваквите временски услови се посакувани од Ферари, бидејќи нивниот болид во сончеви временски околности е побавен од оној на Ред Бул, а снаодливоста на шпанскиот пилот му донесе победа во вакви услови во Малезија, како и добри резултати на другите трки со дождливи временски услови.
– Можеби на хартија тие шанси не се толку големи, можеби се 25%, но длабоко во себе чувствувам многу повеќе од тоа. Сешто може да се случи и видивме колку е важна издржливоста на болидот. Дополнително, таму има шанса да врне и може да биде мошне рискантно, но ние немаме што да загубиме. Јасно е дека ако е суво и ако е нормална трка дека може да се очекува Ред Бул да биде пред сите, а ние да бидеме во третиот или четвртио ред. Колку повеќе непознати фактори, толку подобро за нас,- рече Алонсо по трката во Тексас.