Руските спортисти-параолимпијци се исклучени од учеството на годинешниве Параолимписки игри, што ќе се одржат во Рио де Женеиро следниот месец.
Меѓународниот параолимписки комитет (ИПК) соопшти дека ги прифатил сите наоди на Светкста агенција за антидопинг (ВАДА) објавени во минатиот месец во „Мекларен извештајот“.
Во него се обвинува Русија дека спроведува систематска стимулација на спортистите, со недозволени средства, како и дека зад таа програма стои руската држава.
Руското Министерство за спорт е обвинето дека „правело манипулации со урината на спортистите“, која тие ја предавале на антидопинг иситувања.
Русија најави жалба на одлуката за исклучување до Арбитражниот суд за спорт.
На Параолимписките игри во Рио, Русија требаше да учествува со 267 спортисти во 18 спортски дисциплини.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) не го прифати „Мекларен извештајот“ на ВАДА, поради што беше остро критикуван во американските и британските медиуми, бидејќи не се определ за „бланко казнување“ на целата држава и сите спортисти, туку и остави на секоја меѓународна спортска асоцијација самата да реши како ќе реагира на скандалот со допингот на руските спортисти.
Претседателот на ИОК, Томас Бах го одби притисокот за целосна суспензија на Русија, забележувајќи дека не сака да ја меша политиката и спортот.
Претседателот на ИПК, Британецот Филип Кравен, пак, денеска ја бранеше својата одлука, објаснувајќи ја како почеток на расчистувањето на состојбите во спортот.
Британската параолимписка асоцијација, прва му честиташе на Кравен за „цврстата одлука“, а медиумите во Лондон уште вчера најавија дека Русија ќе биде исклучена од Параолимписките игри во Рио де Женеиро.