Возачот на Мерцедес, Нико Розберг е победник на првата трка од новата сезона во Формула 1, возена утрово за Големата награда на Австралија.
Заедно со трите победи од крајот на минатата сезона, за Германецот ова беше четврта победа во низа и 15. во кариерата.
На второто место заврши Луис Хамилтон надополнувајќи го успехот на Мерцедес со „ден-два“ победа.
На победничкиот подиум место обезбеди и Себастијан Фетел од Ферари.
Токму Фетел имаше шанса за подобар пласман со оглед на добриот старт, но грешката на механичарите од неговиот тим во боксот беше причина да му ја отстапи водечката позиција на Розберг кој остана до крајот на првото место.
Бодови во Мелбурн уште освоија и: Даниел Рикардо, Фелипе Маса, Роман Грожан, Нико Хулкенберг, Валтери Ботас, Карлос Саинц и Макс Верстапен.
За одбележување е и инцидентот на Фернандо Алонсо кој удри во заштитната ограда по што неговиот болид се запали, но тој за среќа мина без повреди.
Следната трка во Шампионатот во Формула 1 ќе се вози на 3 април за Големата награда на Бахреин.