Возачот на Мерцедес, Нико Розберг, триумфираше и на втората трка од годинашниов шампионат во формула 1, што се возеше за Големата награда на Бахреин.
Ова за него е втора победа сезонава, а вкупно има 16 триумфи. Розберг во текот на целата трка се наоѓаше во водство со исклучок кога ги менуваше гумите.
Второто место му припадна на Кими Раиконен од Ферари, додека на третата позиција заврши светскиот првак Луис Хамилтон од Мерцедес. Хамилтон ја имаше пол позицијата, но не успеа да ја искористи откако имаше проблеми на стартот.
Хендикеп на оваа трка имаше и Себастијан Фетел од Ферари, кој поради проблеми со моторот за време на загревачкиот круг мораше болидот да го паркира крај патеката.
Во генералниот пласман Розберг води со максимални 50 бодови, пред Хамилтон со 33.
Кај конструкторите води Мерцедес со 83 бодови, а Ферари е втор со 33.