Роберто Баџо (57), еден од најдобрите италијански фудбалери на сите времиња и добитник на Златната топка во 1993 година, бил претепан, ограбен и држен во заробеништво откако провалници упаднале во неговиот дом додека го гледал натпреварот на Европското првенство меѓу Италија и Шпанија со неговата фамилија.
Полицијата соопшти дека петмина маскирани и вооружени напаѓачи упаднале во вилата. Баџо им се спротивставил, а во конфликтот бил повреден. Локалните медиуми јавуваат дека тој подоцна бил примен во болница и дека лекарите морале да му ги сошијат раните.
Откако провалниците го совладале, Баџо и членовите на неговото семејство ги затвориле во плакар. Потоа му украле часовници, накит и други вредни предмети.
Баџо подоцна успеал да се ослободи и да повика полиција, која сега го истражува случајот.