Европското ракометно првенство во Хрватска започнува во петок, а репрезентацијата на Македонија привиот натпревар го игра во сабота против Словенија.
Минатата недела нашите репрезентативци одиграа два контролни дуели во Белград. Против Саудиска Арабија, Македонија славеше со убедливи 37:21, додека натпреварот против Србија го добивме со 32:29.
Последните тренинзи пред заминување за Хрватска, Македонија ги одржува со СЦ „Борис Трајковски“.
– Репрезентацијата на Словенија е квалитетна, иако имаат отсутни играчи, но тие имаат замени за повредените. За нас е важно да играме на ЕП максимално и дека треба да играме 100%. Нивните повреди не треба да не залажуваат и најважно е по завршувањето на секој натпревар да бидеме среќни. Да пробаме да се бориме против секој ривал: Словенија, Црна Гора и Германија, па и во вториот круг со која било репрезентација и да се надигруваме за да постигнеме резултат, рече репрезентативниот голман Борко Ристовски.
Оптимист пред почетокот на првенството е и десното крило Гоце Георгиевски кој смета дека контролните дуели добро влијаеле врз тимот.
– Имаме уште некои работи кои треба да се поправат и тоа ќе биде направено оваа недела. Ние треба да ја гледаме нашата работа и ќе треба замислите на тренерот да ги спроведеме на терен. Не сакам да прогнозирам, да одиме натпревар по натпревар. Прв е дуелот со Словенија. Наша цел е вториот круг, мислам дека имаме квалитет тоа да го направиме, а и го заслужуваме вториот круг. Репрезентацијата созрева, покрај искусните стигнуваат и помладите и можеме да се носиме со предизвиците од шампионатот, рече Георгиевски.