На првиот ден на Олимписките игри во Рио беа поставени три светски рекорди во пливање, а Австралија и Унгарија се првите држави со по два златни медала. Штафетата на Австралија во дисциплината 4 х 100 метри слободно го освои златниот медал со време на светски рекорд 3:30.65 минути, пред Американките и составот на Канада.
Светски рекорд исплива и Унгарката Катинка Хосу на 400 метри мешано со време 4:26.36 минути. Овој резултат и донесе златен медал, среброто го освои Меделин Дирадо од САД, а бронзата и припадна на Миериа Белмонте Гарсија од Шпанија. Кај мажите на 400 метри мешано прв беше Јапонецот Косуке Хагино, пред Американецот Кејс Калиш и Јапонецот Даија Сато. На 400 метри слободно победи Мек Хортон од Австралија, кој во финишот на трката беше побрз од Јонг Сун од Кина, а трет заврши Габриеле Дети од Италија.
Во квалификациите на 100 метри градно во квалификациите Британецот Адам Пити постави светски рекорд со време 57.55 секунди.
Во стрелаштво кај жените во дисциплината воздушна пушка 10 метри победи Вирџинија Трашер (САД), пред Ли Ду (Кина) и Ји Силинг (Кина). Во воздушен пиштол кај мажите на 10 метри победи Ксуан Вин Хоанг (Виетнам), пред Фелипе Алмеида Ву (Бразил) и Веи Панг (Кина).
Во мечување кај жените златен медал избори Емесе Заз (Унгарија), среброто и припадна на Росела Фиаминго (Италија),а бронзата ја освои Јивен Сун (Кина).
На патеката покрај плажата Копакабана во велосипедизам најбрз беше Грег Ван Авермит од Белгија, пред Јакоб Фугсланг од Данска и Рафал Мајка од Полска.
Златните медали во џудо им припаднаа на Беслан Мудранов од Русија (категорија до 60 килограми) и на Паула Парето од Аргентина (категорија до 48 килограми). Во кревање товар во категоријата до 48 килограми златото го освои Сопита Танасан од Тајланд, додека во стреличарство екипно најуспешна беше селекцијата на Јужна Кореја, пред Американците и составот на Унгарија.