Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ од Србија во првото коло на олимпискиот турнир во Рио за противник го доби Аргентинецот Хуан Мартин Дел Потро.
Ова секако е двојката која привлекува и најголемо внимание, особено што Ѓоковиќ ќе „бара“ реванш за поразот од Дел Потро во мечот за бронзениот медал на Игрите во Лондон пред четири години.
Бранителот на златото од Лондон, Британецот Енди Мареј, како втор носител, во 1. коло ќе игра против Србинот Виктор Троицки, додека Рафаел Надал (трет носител) за ривал ќе го има Аргентинецот Федерико Делбонис.
Кај жените олимписката шампионка од Лондон, Серена Вилијамс во 1. коло ќе игра против Дарија Гаврилова од Австралија, додека најинтересен меч на стартот кај жените е меѓу Гарбине Мугуруза (Шпанија) и Јелена Јанковиќ (Србија).