Техничкиот советник во Ред Бул – Хелмут Марко повторно ги разбранува духовите само неколку дена по Гран При на Канада, што донесе 7ма победа во 7та трка за Мерцедес во оваа сезона во Формула 1.
Успехот немаше да биде возможен без дискутабилната казна од 5 секунди за Себастијан Фетел (Ферари), кој финишираше прв, а Марко изјави дека во последно време се гледа преференцијален третман на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) кон актуелните шампиони.
Фановите на „кралските трки“ сé уште дебатираат за санкцијата што го чинеше Фетел победа во Монтреал. Толкувањето на стјуардите беше дека по излегувањето од трасата во шиканата на четвртиот и петтиот завој, Германецот се врати на него на небезбеден начин и го истуркал Луис Хамилтон надвор од патеката.
На крајот, Фетел, во знак на протест, одби да го паркира својот автомобил во затворениот парк и не даде интервју откако го напуштил автомобилот како што е процедуата. Постоеше веројатност 32 годишниот Германец дури да не се појави на почесниот подиум, но тој стисна заби и ја испочитува церемонијата.
– Кога Фетел ја размени плочката пред автомобилите (оние за прво и второ место), тој покажа на луѓето дека секогаш треба да остануваш верен на сопствените вредности. Забележливо е дека промените во правилата и решенијата отсекогаш биле од корист за Мерцедес. На пример, „Пирели“ ги смени гумите за 2019 година и така тие веќе не се прегреваат, минатата година речиси само Мерцедес имаше таков проблем, прокоментира Марко.
Тој не ја исклучува можноста Мерцедес да ги добил податоците за гумите од „Пирели“ пред сите останати и на тој начин вади максимум од нив.
– Концептот на сите автомобили беше за помал притисок на асфалтот. Единствено Мерцедес изгради автомобил со повеќе „даунфорс“, а потоа стана јасно дека ова е начинот како да се извади максимумот од овие нови гуми. Не можам да докажам дека Мерцедес ги примил податоците пред нас, но не можам да го исклучам тоа. Ние во Ред Бул внимателно ќе го следиме идниот развој на Формула 1 и ќе разговараме со „Пирели“, додаде советникот на „биковите“.