Најавите од скопскиот клуб се дека, лошиот есенски дел ќе биде заменет за многу подобар пролетен.
Според нив првите три меча ќе бидат многу важни, во кои ќе се очекува резултат од сработеното за време на зимскиот подготвителен период, и подигнување на нивото на игра во сите линии.
Тренинзите во зимскиот период, одиграните пријателски натпревари, и засилувањата влеваат оптимизам и надеж за подобрување на играта на избраниците на Жикица Тасевски.
Еден од најискусните во таборот на Работнички, Баже Тодоровски вели дека засилувањата се одлични, одбраната е „закрпена“ за разлика од есенскиот дел, а нападот останува ист со Велковски, Ступиќ и Илијовски.
„Во изминатата полусезона одбраната беше малку во критична состојба. Тој дел од тимот не фукционираше како што треба, но сега ќе биде поинаку.Во пријателските мечеви добро работевме и одбраната сега е постабилизирана, добивме засилувања на сите позиции, а во нападот ги имаме искусните Илијовски, Ступиќ и Велковски кои можат да постигнат гол од полушанса во секој момент.
Позицијата на табелата во моментов не е мерило за нашите можности и капацитет. Сигурен сум дека можеме повеќе, а дека е така ќе докажеме на терен“- изјави Тодоровски.
Тој покрај оптимизмот и позитивните размислувања, ја посочи и колегијалноста како еден од предусловите за предизвиците што престојат.
Првиот таков предизвик ќе биде мечот со Хоризонт Турново, кој ќе се одигра во Скопје, на „Филип Втори“ арената наредната недела.