Мониша Калтенборн во четвртокот стана првата жена која застана на челната позиција на која и да е екипа во Формила 1, откако го презема водењето на „Заубер” од основачот Петер Заубер.
Овој тим од Формула 1 натпреварувањата чиешто седиште е во Швајцарија, во соопштение објави дека 41-годишната Мониша Калтенборн, којашто досега ја извршуваше функцијата извршен директор, ја презема новата должност во Заубер уште претстојниот викенд кога ќе се вози трката за Големата награда на Јужна Кореја.
Петер Заубер кој во сабота ќе наполни 69 години, и натаму ќе биде претседател на сите компании на „Заубер” и ја задржува одговорноста за нивното стратешко водење.
Освен што стана првата жена на толку висока позиција во Формула 1, Калтенборн којашто инаку е австриска државјанка од индиско потекло, е истовремено и вториот директор кој потекнува од Индија, по директорот на екипата на „Форс Индија”, Виџаи Мали.
„Пред многу време одлучивме дека Мониша ќе ме наследи, меѓутоа оставивме отворено кога тоа ќе се случи. Сега е добро време за двајцата и сега е вистинскиот момент да ја предадам палката”, изјави Петер Заубер.
Заубер кој дебитираше во Формула 1 во 1993-тагодина, оваа сезона веќе има четири пиедестали во 15-те досегашни трки, а неговиот возач Јапонецот Камуи Кобајаши минатиот викенд заврши како трет на траката на патеката Сузука за Големата награда на Јапонија. Тимот на Заубер, инаку, е моментално шести во генералниот пласман на конструктори.
Калтенборн мина во „Заубер” во 2000-та година кога го презема водењето со правниот оддел на компанијата, а во 2010 година стана извршна директорка.