Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска организираше прием за автомобилистот Игор Стефановски-Иџе.
Спасески истакна дека врвните резултати кои се бележат, а особено освоените медали на големите натпреварувања, претставуваат позитивен пример за сегашните и идни млади генерации во државата.
– Oва што го говорам, со посветена работа и упорност, успеа да го потврди нашиот автомобилист Игор Стефановски-Иџе, кој успеа со златни букви, покрај неговото име, да го испише и името на Република Македонија во автомобилстичка Европа, истакна Спасески.
Тој додаде дека со остварениот успех, по завршувањето на Европското првенство на ридски патеки и доставувањето на официјалните резултати до Агенцијата за млади и спорт, автомобилистот Стефановски, според Правилникот за категоризација на спортистите, ќе се стекне со стипендија од светска категорија, односно во наредните четири години секој месец ќе прима стипендија во износ од две просечни плати – 42 илјади денари или околу 700 евра.
Исто така, по завршувањето на спортската кариера, ќе се стекне и со Национално спортско признание популарно наречено „Спортска пензија“.
Игор Стефановски-Иџе се заблагодари за приемот во Агенцијата за млади и спорт и истакна дека овој успех претставува успех и за Македонија и за автомобилистичкиот спорт.
– Од идната година ќе стартувам со уште појако темпо. Планирам и следната сезона да се натпреварувам во истата конкуренција бидејќи добро ги познавам патеките и со тоа да го одбранам првото место во мојата категорија. За мене тоа ќе претставува уште поголем мотив бидејќи секаде ќе биде истакнато македонското знаме и името на Република Македонија, рече Стефановски.
До крајот на Европското првенство оваа година остануваат уште две трки, а Стефановски со седум победи на 10 трки веќе има недостижна предност во бодови во однос на конкурентите.