Македонската полиција, исто како и на дуелот против Хрватска, и за вечерашниот меч со Србија (20,30 ч.) ќе воспостави посебен сообраќаен режим во близина на националната арена „Филип Втори“, а ќе бидат преземени и зголемени мерки за безбедност, бидејќи мечот е со висок ризик.
Денеска од 12 часот ќе биде затворен сообраќајот од крстосниците на улиците „Ленинова“ и „Јордан Хаџи Констанинов-Џинот“ кон фудбалскиот стадион, и ќе бидат пропуштани само возила со посебни пропусници. Исто така, во тој период ќе биде расчистен сообраќајниот и паркинг простор во непосредна близина на стадионот. Во периодот од 17 часот ќе бидат сообраќајно регулирани и приодите од булеварот „Илинден“ кон националната арена, односно ќе се пропуштаат само возила со посебни пропусници и други итни потреби.
МВР апелира до граѓаните, особено оние коишто со возила ќе се упатуваат кон националната арена, во посочениот период од 17 часот да ги почитуваат сообраќајните правила и да ги паркираат своите возила на дозволени паркинг простори.
Полицијата ќе формира три безбедносни прстени, на влезовите во Скопје, околу Градскиот парк, и на самите влезови на „Филип Втори“, а ќе биде зголемено присуството на припадниците на органите на редот и низ центарот на градот со цел да се избегнат било какви инциденти и немили настани. Со таква цел, а во рамките на договорот за соработка со спрпското МВР, четворицаполициски службеници на Србија се пристигнати во Скопје.