Некои од играчите на Кардиф Сити се плашат да летаат со авион по исчезнувањето на Емилијано Сала, изјави дефанзивецот на тимот – Сулејман Бамба.
Кардиф го одигра својот прв натпревар во англиското првенство по инцидентот со Сала, доживувајќи пораз како гостин од Арсенал со 1:2.
– Често патуваме со авион и некои од момчињата велат дека не сакаат да го прават тоа повеќе. Менаџерот и клубот најверојатно ќе испратат некого, за да разговараме за прашањето. Некои од фудбалерите треба да се смират, изјави Бамба.
Авионот во кој патуваше Аргентинецот Сала исчезна од радарот пред повеќе од една недела над Ла Манш. Во моментов се одвива приватно спонзорирана потрага по поранешниот фудбалер на Нант.