Иако Михаел Шумахер заврши прв на квалификациите за Големата награда на Монако, сепак ќе стартува од шестата позиција, поради казната од пет позиции по инцидентот на минатата трка со Бруно Сена.
Германецот, до својата 69. пол позиција стигна со време 1:14.301 минута, 80 стотинки побрзо од Марк Вебер. Зад нив стигна вториот возач на Мерцедес, Нико Розберг.
Четврти стигна Луис Хамилтон но ќе го има третот место, до него ќе биде Ромен Грожан на Лотус, а во третиот ред ќе се „постројат“ Фернандо Алонсо и Михаел Шумахер. А Малдонадо ќе биде преместен за десет позиции назад поради инцидентот што го направи на третиот тренинг во Монте Карло, блокирајќи го возачот на Заубер, Серхио Перес.
Фелипе Маса и Кими Раиконен заслужија да стартуваат од четвртиот ред, а зад нив е Себастијан Фетел. Ваквиот развој на настаните во квалификациите уште повеќе ќе придонесе за возбудлива трка за ГН на Монако, која почнува утре од 14 часот низ улиците на Монте Карло.