Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон ја освои пол-позиција за главната трка од Шампионатот во Формула 1 што утре ќе се вози во Барселона.
Британецот со време од 1:22.000 минути беше најбрз на денешните квалификации на патеката „Каталуња“ и за него ова ќе биде третата пол-позиција сезонава.
Од првата линија веднаш до Хамилтон ќе стартува Нико Розберг кој имаше втор најбрз извозен круг 1:22.280 минути.
Зад возачите на Мерцедес, од третата и четвртата позиција ќе тргне тандемот на Ред Бул, Макс Ферстапен и Даниел Рикиардо.
Третиот ред ќе го пополнат возачите на Ферари, Кими Раиконен и Себастијан Фетел.
Од седмата до десеттата позиција ќе тргнат Валтери Ботас (Вилијамс), Карлос Сајнц (Торо Росо), Серхио Перез (Форс Индија) и Фернандо Алонсо (Мекларен).
Вкупно 22 возачи се најавени на стартот на главната трка за Големата награда на Шпанија, закажан за утре во 14 часот.