Германецот Нико Розберг ќе стартува од полпозицијата на утрешната трка во Формула 1 шампионатот која ќе се вози за Големата награда на Шпанија.
Тимот на Мерцедес и во денешните квалификации ја потврди својата доминација во Ф1 првенството. Во квалификациите возени попладнево на патеката „Каталуња’’ крај Барселона, најдобар резултат оствари Нико Розберг, кој до својата шеснаесетта полпозиција во кариерата, прва сезонава, стигна пред клупскиот колега Британецот, Луис Хамилтон.
Од вториот ред утрешната трка ќе ја започнат Себастијан Фетел од Ферари кој ќе го има третото старото место и Финецот, Валтери Ботас од Вилијамс кој ќе започне веднаш зад Германецот.
Во генералниот поредок по четири трки лидер е актуелниот шампион Луис Хамилтон, со 93 освоени бодови, пред клупскиот колега Нико Розберг кој има 55, Себастијан Фетел е трет со 51. Водечката петорка ја комплетираат Кими Раиконен со 42 и Филипе Маса со 31.