Почна 28-от Охридски пливачки маратон

Од:

Сите пријавени пливачи точно на пладне запливаа во водите на Охридското Езеро кај „Свети Наум“, на стартот на 28-от меѓународен Охридски пливачки маратон што се одржува во рамки на Гран-при серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).

Шеснаесте пливачи и шесте пливачки од 14 држави ќе треба да ги испливаат 30-те километри колку што е долга патеката „Климе Савин“, од Свети Наум низ 12 контролни точки до целта кај Охридското пристаниште.

Моменталните временските услови без бранови на Езерото, со температура на водата некаде околу 25 степени, идеални за добра трка, така што на пливачите за да стигнат до целта ќе им бидат потребни околу пет и пол часа.

Меѓу фаворитите за победа на маратонот е и нашиот Томи Стефановски, кој во моментов е водечки на Светската ранг-листа и со триумф тука би го освоил светскиот куп. Покрај Стефановски, македонската експедиција во Охрид ја сочинуваат уште и Евгениј Поп-Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски.

Охридскиот пливачки маратон со награден фонд од десет илјади долари се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Организатор на трката, инаку претпоследна во Гран-при серијата на ФИНА за оваа сезона, е Пливачката федерација на Македонија, со поддршка на охридската локална самоуправа.

Инаку, охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката од Пештани преку Струга до Охрид, во должина од 36 километри. Победник на тој маратон беше египќанецот Абу Хеиф, а третото место му припаднал на нашиот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.

Годинава навршуваат и 60 години од првиот организиран маратон на Охридското Езеро, одржан во 1954 година на релација Горица – Охрид во должина од 2,5 километри, кога во конкуренција на осум натпреварувачи победи маратонецот Нико Нестор.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Претседателот Пендаровски ги пречека учесниците на 36. Охридски пливачки маратон

Италијанецот Алесио Окипинти победник на Охридскиот пливачки маратон, французинката Каролин Жуис најдобра кај жените

Означен стартот на 36-тиот Охридски пливачки маратон

Горан Наумовски

Аргентинецот Матијас Хернандес победи на 35. Охридски пливачки маратон

И покрај хаосот со организацијата, пливачи прифаќаат учество на маратонот во Охрид

Кристијан Ландов

Пливачи со години не добивале награди од охридскиот маратон, Пецаков им пратил покани и чека одговори

Кристијан Ландов