Легендарниот играч на Вердер од Бремен, Перуанецот Клаудио Пизаро објави дека следната сезона ќе му биде последна во фудбалската кариера.
– Ова е сигурно последна година, разговарав со луѓето од клубот, добро се чувствувам, но доволно е. Во мојата последна сезона во Вердер сакам да се избориме за Лига Европа, тоа би ме направило среќен, изјави на прес-конференцијата одржана во Бремен 40-годишниот Пизаро.
Пизаро е омилен играч во Бремен уште од 1999 година кога Германците го купиле за милион и пол евра од Лима. Така, Вердер е првиот клуб во Европа, а изгледа ќе му биде последен во кој ќе ја заврши кариерата.
Инаку, во својата богата кариера играл и за Баерн, Челзи и Келн. Во целата кариера постигнал 279 голови, шест пати го освоил германското првенство и куп, а со Баерн Минхен ја освои и Лигата на шампиони.