Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Алеш Пипан утрешниот дуел од АБА лигата на неговиот тим со словенечкиот претставник Унион Олимпија го оцени како мошне важен за задржување на шансите за пласман во горниот дел на табелата.
– На гости ни доаѓа опасната и мотиварана екипа на Унион Олимпија, која сигурно ќе сака да ни возврати за поразот што го доживеаја во Љубљана. Имаат млад и доста квалитетен состав. Во последниот период играат одлично, што го покажаа и со победата над лидерот Игокеа во минатото коло. За нас ова е премногу важен натпревар, за да останеме во битка за самиот врв на табелата. Знаеме од каде ни се заканува најголемата опасност, и ќе направиме се за да победиме, изјави Пипан.
Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Унион Олимпија ќе се одигра утревечер со почеток во 21 часот во СЦ Борис Трајковски во Скопје.