Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер вечерва во Битола ја пречекува португалската екипа Агуаш Санташ во рамки на 8. коло во групата Д во ЕХФ Лига Европа.
Еурофарм Пелистер е четвртопласиран на табелата и со триумф во вечерашниот натпревар со почетокот во 20:45 часот ќе обезбеди место во осминафиналето во второто по ранг ракометно натпреварување во Европа.
„Влегуваме во најважната фаза на сезоната, немаме веќе право на лош ден. Дојдовме тука да покажеме дека заслужуваме да го носиме овој дрес и да гинеме на сите фронтови“, ијзави за клупскиот сајт македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски.
„Агуаш Санташ ме изненади со победата против Бидасоа Ирун, но оваа екипа има квалитет и игра подобро отколку во првиот дел на сезоната. Во Португалија по макотрпна борба ги освоивме бодовите. Подготвени сме и со поддршка од битолската публика веруваме дека ќе се радуваме“, додаде Пешевски.