Екипата на „Партнер дизајн“ го освои најголемиот републички футсал турнир „СКОПЈЕ 2014“ што повеќе од еден месец се играше на теренот во Спортскиот центар Ново Лисиче.
На свеченото затворање синоќа присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој ги додели наградите на најуспешните.
Во големото финале „Партнер Дизајн“ со 3:1 го победи „Дени кетеринг“, а во малото „Спортска гостилница“ и „Илинден“, одиграа 3:3 па на пенали победи „Спортска гостилница“ и го освои третото место.
За најдобар голман на турнирот беше прогласен Дарко Илиевски од „Спортска гостилница“ а за најдобар играч и стрелец, признанието го доби Драган Петровиќ од шампионот „Партнер дизајн“.
Градоначалникот Трајановски истакна дека му претставува чест што секоја година е присутен во спортскиот комплекс во Ново Лисиче, на теренот каде што веќе традиционално се одигрува најголемиот републички турнир во мал фудбал.
– За квалитетот на оваа манифестација говори постојаниот интерес кај екипите за пријавување, но она што посебно радува е многубројната публика, која и овој пат гледаше добри фер – плеј натпревари и уживаше во добрата дружба, и забава, како и во одличниот возбудлив фудбал. Би сакал да им честитам на првопласираните екипи, но и на сите учесници коишто придонесоа во изминативе месец дена да се популаризира ова спортско катче во општина Аеродром, рече градоначалникот Трајановски.
Во рамки на третиот Турнир во мал фудбал „Скопје 2014“, учествуваа 48 екипи од Неготино, Кавадарци, Велес, Прилеп, Куманово, Скопје и околината.
Наградниот фонд беше распределен: 180.000 денари за прво место, 60.000 денари за второ и 30.000 денари за трето место, а покровители на турнирот, традиционално веќе трета година по ред се Град Скопје и Општина Аеродром. За организацијата на овој турнир, Градот Скопје од Буџетот за 2014 година издвои 200.000 денари.