Сонот на секој спортист е да го освои најсјајното одличје, златниот медал, на најголемиот светски спортски настан Олимписките игри.
Кога ќе прашате некој спортист од што е направен златниот олимписки медал, одговорот најчесто е – од многу труд, пот и долги години напорни тренинзи и откажувања.
Оваа констатација не е далеку од вистината, напротив. За да се освои било кој од трите олимписки медали, потребно е многу работа и вложување во спортот, кој самиот олимпиец го одбрал.
Но, ако ги прашате работниците во Националната фабрика за кованици во Бразил, би добиле одговор – од сребро.
Имено, златниот олимписки медал на претстојните ОИ во Рио де Женеиро, кој тежи 500 грама, во себе содржи дури 99 отсто сребро.
Токму тој еден процент, е разликата од вечната слава која златниот олимпиец ќе го внесе во историјата на светскиот спорт, за разлика од носителите на сребрениот и бронзениот медал.
Борбата за медалите на 32-те Летни олимписки игри во Рио, започнува на 6 август, а еден ден претходно е свеченото отворање.