Радио Слободна Европа – Прага
Импозантната церемонија на отворањето на Олимписките игри во Рио, на момент создаде илузија дека цела планета е поврзана со идејата за здрав натпреварувачки дух кој требаше да ги допре и другите сегменти од животот, дека целата вселена се најде на едно место во мало и дека се оставени настрана политичките и останатите разлики во светот кој никогаш не бил толку поделен од Втората светска војна.
Во Меѓународниот олимписки комитет (МОК) тврдат дека овие, како и сите претходни Игри, се величење на исклучителната способност на човековото тело кое ги надминува границите. Нивна цел е да поттикнат инспирација, фер натпревари, гордост како и јакнење на чувството на заедништво.
Меѓутоа, во текот на Олимпијадата колку и да заборавиме на момент во каков свет живееме, Игрите истовремено не потсетуваат на суровата реалност разголувајќи ја противречноста, апсурдите, па и неправдите.
Сјајот и раскошот на церемонијата на отворањето на стадионот Маракана, покажаа уште еднаш дека спортот не е само натпревар кој ќе победи во одредена дисциплина, туку и спектакл во кој сите сме учесници – и натпреварувачите, но и ние како гледачи бидејќи придонесуваме за неговата грандиозност како потрошувачи: на пример медиумските куќи остваруваат огромен профит поради енормната гледаност.
Истовремено, спектаклот на стадионот Маракана само на момент можеше да прикрие дека тој се наоѓа во подножјето на една од многуте фавели на околните брда во кои живеат најсиромашните Бразилци.
Иако претседателот на МОК Томас Бах укажа на трансформативната моќ на Игрите, факт е дека 30 милиони Бразилци живеат во тешка беда, а ни многу од останатите нема да имаат речиси никаква корист од одржувањето на Игрите. Напротив, трошоците кои ќе достигнат и 20 милијарди долари само ќе ги разгорат неволјите во кои се наоѓа оваа земја, а најголема цена ќе платат токму најсиромашните.
Впрочем, многумина сметаат дека економскиот пад на Грција почна токму по Олимписките игри во Атина во 2004 година, кои енормно чинеа, а приходите од туризмот и останатите акции во текот на Игрите тоа не можеа ни од блиску да го покријат.
Затоа Хамбург, а пред него Истанбул, Мадрид, Доха, Берлин, Баку, Сант Петербург и Бостон, се откажаа од кандидатурите. Поради страв од финансиски слом, поучени од искуството на Атланта, Пекинг и другите градови чии олимписки арени сега главно се во плевел, како и поради тероризмот.
Нероновото манипулирање со Олимпијадата
Значи, организирањето на Олимписките игри стана многу повеќе од спортски настан. Стана работа на престиж, т.е. демонстрирање на политичката, економската и културната моќ на една држава.
За Бразил, кој со месеци го потресуваат политички судири и економска криза – па се доведуваше во прашање неговиот кредибилитет како домаќин и дури се спомнуваше можност за преселување на Игрите – од пресудна важност беше да се разубедат скептиците во светот демонстрирајќи ја својата способност да биде добар огранизатор.
Веројатно најгламурозните игри се одржаа во Пекинг пред осум години, со што Кина настојуваше на светот да покаже дека е сила во подем и е во состојба не само да продава ефтина стока, туку и да ја демонстрира својата оригинална и иновативна култура во текот на церемонијата на отварањето.
Истовремено, за Кинезите од пресудна важност беше да освојат што повеќе медали од САД со кои се натпреваруваат на сите полиња за да покажат дека можат да им парираат како велесила. Тоа значи дека Игрите се употребуваат, а често и злоупотребуваат за други цели, наспроти старогрчкиот идеал на аматеризам како и мотото „важно е да се учествува” кое го лансираше Пјер Кубертен.
Додуша, со Игрите се манипулирало и во древните времиња. Така римскиот цар Нерон наредил Игрите од 65 година во новата ера да се поместат на 67 година, за да може да се натпреварува во сите дисциплини и да победи. Прогласен бил за победник и во трка со кочии со десет впрегнати коњи, иако се повлекол од трката бидејќи паднал од кочијата.
Олимпијадата во канџите на политиката
Мотото од античка Грција да запре оружјето за време на Олимписките игри, одамна не се почитува. На Блискиот исток беснее војна, а во светот врие. Истовремено и самите Игри се користат за праќање на политички пораки и разни позиционирања.
Суспензијата на руските атлетичари поради допинг, не само во Москва, се доживува во контекст на нејзините затегнати односи со Западот.
И судирите во источна Украина, во кои е инволвирана Русија, се одржуваат на овие Игри. Така Владата во Киев, на своите спортисти нареди да не даваат изјави на руските медиуми. Истовремено, Владата на Србија на своите спортисти порача да го напуштат победничкиот трон ако на него се најде некој спортист од Косово.
Политичките контроверзи ги следеа и Зимските олимписки игри во Сочи пред две години, во момент кога беснееја судирите во Украина, а и дискриминаторскиот руски закон за припадниците на различни сексуални ориентации, кој во еден момент изгледаше дека ќе се применува и на странските учесници на Игрите.
Војната во Грузија во 2008 година почна под закрила на Олимпијадата во Пекинг. На тој 7 август навечер грузиските сили ја нападнаа Јужна Осетија.
Очигледно тамошниот претседател Михаил Сакашвили сметаше дека со брза акција ќе успее да го реинтегрира овој сепаратистички регион, додека вниманието на целиот свет беше насочено на церемонијата на отворањето.
Иста калкулација секако имаше и Владимир Путин, кој вешто го намами Сакашвили во стапица. Додека седеше свечено во ложата на Олимпискиот стадион, руските сили за тоа време жестоко возвратија и следните денови беа во незадржлива контраофанзива.
Олимпизмот и фашизмот
Критичарите на олимпиското движење укажуваат и на неговите врски со диктаторите. Родоначалникот на модерните игри Пјер Кубертен бил воодушевен од Хитлер и од него добил донација. Хроничарите наведуваат и дека наследниците на Кубертен, Анри де Баје Латур, Сигфрим Едстром и Евери Брендиџ, биле жестоки поддржувачи на фашизмот.
Гај Волтерс во книгата „Игрите во Берлин” укажува дека и олимпизмот и фашизмот се секуларни религии кои го величаат човечкото тело и тежат кон триумф на волјата. За олимпиското мото „побрзо, подалеку, посилно” (citius, altius, fortius) мечтале и Хитлер и Бенито Мусолини. Поради тоа, Волтерс смета дека церемониите за отварањето на Олимписките игри и фашистичките митинзи не се разликувале многу по иконографијата, вклучувајќи го и поздравот.
И по војната, на некои места се величел духот на фашизмот во олимпиското движење во ликот на неговиот долгогодишен челник Хуан Антонио Самаран, кој бил висок функционер на фашистичкиот режим на Франциско Франко.
„Олимпиското движење продолжува со тие смешни ритуали на отварањето и затварањето на Игрите” – истакнува Волтерс.
Како и фашистите, така и во Советскиот Сојуз ја промовирале идејата за „социјалистички човек” како супериорен во однос на западниот капиталистичкиот. Поради тоа во тие натпревари во студената војна, спортистите рекордери кои биле подготвувани за тоа од мали нозе, станале најважни промотори на новиот систем и „херои на социјализмот”.
Во тој контекст допингот и други препарати не го загрозуваат само здравјето на врвните спортисти, туку и на стотици милиони „рекреативци”, додека фармацевстката индустрија остварува огромен профит.
Значи, врвниот спорт одамна го напушти пристапот на развој на моторичко здраво и оплеменето тело, водејќи се од мотото „во здраво тело здрав дух”.
Експертите сметаат дека без оглед на развојот на цивилизацијата, во контекст на спортот и технологијата на тренингот, човечкото тело има свои лимити. Меѓутоа, индустријата за забава не се осврнува на тоа.
Врвните спортисти се модерни гладијатори. Единствена разлика во однос на античкото време е што тогашните гладијатори биле робови, а публиката богата патриција. Денес гледачите се главно модерни сиромашни плејбеци, додека во арената се борат нвните екстра богати идоли.
Спортот како спектакл и „опиум за народот”
Целта на спортот е да ги поврзе луѓето и во таа смисла доби значење кое го имаше религијата во средниот век, станувајќи „хуманистичко” евангелие, т.е. „опиум за народот”. Критичарите на глобализмот и неолибералниот капитализам сметаат дека наместо културната заедница на народите, модерниот оптимизам создава „цивилизирана” пештера, како еден од главните патишта на „бегство од лошата реалност” – како што говорел Ерих.
Во секој случај, спортот, бизнисот и политиката се многу испреплетени, така ни за олимпизмот не може да се зборува како иделошки неутрален, ниту за движење во дух на аматеризмот, со оглед на огромните пари кои се во игра.
Парите се моќ, па така Атина не ја доби организацијата за Олимпијадата на 100-тата годишнина за обновување на модерните игри, кои токму се одржаа во неа.
Тие се стопуваат во спектакл како најзначајна форма на изразување и организирање на современото општество и култура. На тој начин, се создава пасивна и истовремено подвоена публика, која се идентификува со своите „идоли” на ТВ екраните, со што настојува да ја компензира и макар на кратко да ја заборави тежината на сопствениот живот.