Новиот шампион во формула 1 Нико Розберг реши да ја заврши кариерата, иако пред само пет дена ја освои титулата шампион во формула 1 за 2016 година. Повлекувањето на 31-годишниот возач претставува големо изненадување. Тој шампионската титула ја освои со само пет бодови повеќе од клупскиот колега од Мерцедес Луис Хамилтон.
– Низ 25-те години натпреварување, од мојата шеста година, тоа беше мојот сон, моја „работа“ да станам шампион во формула 1. Во неделата наутро пред трката во Абу Даби, знаев дека ова може да биде моја последна трка. Со многу труд, болки, жртви тоа беше мојата цел. Успеав, напиша во својата порака каде го објави своето повлекување, Розберг.
Одлуката за повелекување Розберг ја донесе во понеделникот навечер.
Тој во својата кариера имаше 206 старта на трките во формула 1, а победи оствари на 23 и притоа имаше и 57 подиуми. Своето деби Нико го имаше во 2006 година на трката за Големата награда на Бахреин, а првата победа ја постигна шест години подоцна на трка за ГН на Кина. Последната победа му беше на патеката Сузука за ГН на Јапонија во октомври годинава.
Розберг покрај за Мерцедес возеше во формула 1 и за тимот на Вилијамс.