Младинската фудбалска селекција на Македонија до 21 година загуби со 6:5 на гостувањето во Алборг, каде домаќинот Данска имаше предност од 6:1.
Мизерно прво и одлично второ полувреме е кусата оценка на начинот на кој нашите младинци одиграа на гостувањето во Данска во рамките на квалификациите за Европското првенство 2013. година.
Неверојатно звучи податокот дека на средбата на која беа постигнати дури 11 голови и на која Данците славеа со 6:5, избраниците на Бобан Бабунски за малку не дојдоа до реми, иако во 55. минута домаќинот имаше предност од убедливи 6:1.
По шест одиграни натпревари во групата ова е прв пораз за селекцијата на Македонија, која имаше серија од 16 средби без загубен меч и која сега е трета, со два бода помалку од Данска, која има и еден натпревар помалку. Лидер е селекцијата на Србија, a овој пораз значи практично и крај за нашите надежи за евентуален пласман на ЕП следната година.