Хрватскиот стратег, Анте Назор, денеска, на пладневната пресметка со Крка, дојде до петтата победа како предводник на МЗТ Скопје Аеродром, а по мечот тој покрај тоа што им честита на своите играчи истовремено ѝ се заблагодари на публиката во салата, која, според него, им ја дала потребната енергија за добрата игра во клучните моменти од средбата.
„Металците“ одиграа релативно изедначено прво полувреме, но „експлодираа“ во продолжението и дојдоа до убедлив триумф, кој е од исклучително значење во борбата за опстанок во АБА лигата.
– Честитки за моите кошаркари за големата победа, но и за одличните подготовки во пресрет на оваа средба. Морам да им честитам и на навивачите, кои ни ја дадоа неопходна поддршка од трибините. Во моментите кога не ни одеше во првиот дел, тие ни дадоа сила, а ние им вративме со тоа што го оставивме срцето на терен. Тоа е тој флуид што треба да го вратиме во оваа сала, а верувам дека ќе го сториме тоа ако продолжиме со борбена игра на секој дел од теренот. Крка дојде да победи, имаше 12 офанзивни скокови, ваквиот отпор и начин на игра е нешто што не чека на секоја средба до крајот, изјави Назор по средбата.
Ова воедно беше трета победа во низа за МЗТ Скопје Аеродром во регионалното натпреварување, што дефинитивно ја зголемува самодовербата кај кошаркарите пред завршниот турнир од Купот на Македонија, закажан за 17-19 февруари во Кавадарци.