Задоволен поради победата над Карпош Соколи во првиот дуел од финалето на плејофот, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Анте Назор, рече дека очекува неизвесни дуели до крајот на серијата.
„Металците“ победија со минимални 77:76 со одлична игра во последната четвртина, откако му дозволија на противникот резултатски да се одлепи во третиот период.
– Тоа беше тежок и до крај неизвесен натпревар, нешто што се очекуваше и пред самиот почеток. Противникот играше одлично, ни направи доста проблеми, но ние покажавме карактер и заигравме тимски односно го оставивме срцето на терен кога беше најтешко и најпотребно. Среќен сум што се вративме резултатски и дојдовме до многу важната прва победа. Мора да играме подобро во одбраната и да го поправиме движењето на топката, имавме многу проблеми во тој дел, поготово во ситуациите еден на еден. Треба да ги исправиме тие грешки за следниот натпревар, на кој ќе се обидеме да играме уште подобро. А, сосема е јасно дека сите преостанати дуели ќе бидат слично неизвесни, изјави хрватскиот стратег на клупата на МЗТ Скопје Аеродром.
Актуелниот шампион сега води со 1-0 во серијата што се игра до три победи, а следниот дуел е утре (вторник) во салата „Борис Трајковски“ кога домаќини ќе бидат „соколите“.