Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром Анте Назор, по убедливиот пораз на гостување на ФМП во Белград (101-82) беше максимално реален и самокритичност на прес-конференцијата по натпреварот. Назор вината за поразот ја гледа во лошиот пристап на неговите избраници и немањето добеверба дека мечот може да се добие.
– Нашиот приод од почетокот на средбата беше како да не веруваме дека може да победиме на оваа средба. Немавме одговор на нивната агресивна одбрана, а нашиот фокус не беше насочен на натпреварот за што најдобро говори бројката од 16 загубени топки во првото полувреме. Сега мора да се извадиме од психолошката криза по непријатниот пораз во домашниот куп и овој вечерашниот и последните три кола од АБА-лигата да ги одиграме како вистински спортисти. За моите играчи друг начин едноставно нема, изјави хрватскиот стратег Назор.
По овој пораз македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром и понатаму останува во долниот дел од табелата, односно во опасната зона за испаѓање од АБА лигата.
Следниот понеделник сино-белите пред својата публика ќе играат со Игокеа, по што следува гостување кај Будуќност, а во последниот дуел сезонава МЗТ Скопје Аеродром ќе игра на домашен терен против Морнар. Една победа речиси би гарантирала опстанок, а сѐ повеќе од тоа би значело и дополнително искачување на табелата во АБА лигата.