„Поради селективното информирање од страна на медиумите за време на одржувањето на редовното годишно собрание, чувствуваме одговорност да дополниме важни моменти од дискусијата на самото собрание и на тој начин исправно и во целост да ја информираме јавноста.
Не е точно дека Претседателот на МКФ не сакаше да им го прифати барањето за додавање на нова точка на дневен ред за доверба, напротив, неколку пати им беше посочено од страна на Претседателот, дека тој ја прифаќа таа нова точка, но со само еден услов – некој од присутните да објасни како би функционирала федерацијата без законски овластен претставник? Кој би ја продолжил седницата на собранието? Кој ќе го потпише записникот од ова собрание за да донесените одлуки бидат валидни? Кој ќе им свика вонредно изборно собрание?
Бидејќи 3-4 делегати постојано се повикуваа на нивното право да тие можат да вметнат таква суштинска нова точка на редовното собрание (за што повторуваме и потенцираме дека не беше спорно да се прифати), а од нив беше побарано да дадат законско решение како би функционирала федерацијата и се што треба да сработи еден претседател доколку тој претходно биде сменет од таа функција, па кога и после понатаму? Тие не излегоа со ништо од тоа што се бараше од нив и продолжуваа да го рушат редот и текот на собранието. Претседателот, заедно со работното претседателство донесе едногласна одлука за прекин на собранието во интерес на времето и на легалноста во функционирањето на самата федерација и нивното раководство и им порачаа на членовите да соберат една третина од гласовите на членството на МКФ, да ги достават до раководството и според пропишаните рокови ќе биде свикано вонредно изборно собрание. Дополнително беше потенцирано дека на тој начин сите членови на собранието ќе имаат можност да ги видат и слушнат новите кандидати за Претседател на федерацијата и така ќе можат најреално да ги спознаат и согледаат нивните програми.
Дали ќе се сменеше раководството на синоќешната седница или за месец, нема никаква разлика освен практиката на насилна промена која можеби во идно време некој би ја злоупотребувал – кога веќе се е дефинирано како се доаѓа до едно такво барање во самите правилници на МКФ.
На верификациската комисија спорно и беше членството на новата Асоцијација за 3х3баскет со која договорот беше потпишан неодамна. Асоцијацијата со која претходно федерацијата имаше потпишано договор во изминатата календарска година нема покренато апсолутно никаква иницијатива за организирање на активности. Новото здружение самоиницијативно организира настан во Скопје, кој беше признат и поддржан од ФИБА со што се тргнува еден чекор понапред кон формирање на 3х3 репрезентација и започнување на репрезентативни активности, посебно од кога стана и олимписки спорт. Федерацијата го препозна квалитетот во здружението и желбата за работа и напредок во 3х3 баскетот поради што одлучи да го поддржи.
Претходно федерацијата не постоеше на мапата на функционални институции. Со доаѓањето на ова раководство на чело на МКФ не само што по 15-годишната блокада успеа да ја деблокира сметката на која беа наталожени долгови од преку 600.000 евра, кои беа зголемени бидејќи никој од претходните раководства воопшто не размислувал или планирал да се реактивира таа сметка туку и за првпат по 25 години постоење на оваа федерација сметката е во голема позитива и МКФ функционира беспрекорно. Тоа кажува доволно за податокот дали лошо се менаџира со оваа институција или пак во минатото било подобро.
Срамно е да се испревртува реалната слика, се со цел да се изманипулираат недоволно упатените, дека лошо се работи, на криминален начин или пак кажувајќи ја најголемата лага – дека ние сме ја уништиле кошарката. На вчерашната редовна седница, клубовите односно нивните претставници-делегати на некултурен начин водеа дискусија и недолично се обидуваа да наметнат некои свои измислени правила. Од еден делегат беше даден небулозен предлог – да јас бидам сменет од функцијата, но да продолжам да потпишувам записници и одлуки додека тие не изгласаат нов Претседател! Жално е да се биде сведок на такви навреди ’под појасот’ од лица кои во секоја прилика се прикажуваат како бастиони на се што е добро во кошарката.
Јас, Петар Наумоски, имам доволно храброст да јавно го искажам моето видување по ова прашање:
Тренерите се проблем број еден во кошарката, па потоа се клубовите. Неквалитетна работа и кратко времетраење на еден тренинг со присуство на поголем број на деца за време на тој тренинг придонесува да тоа повеќе личи на неорганизирано улично спортување, отколку создавање на млади и перспективни кошаркари… Челниците на клубовите сето ова го аминуваат се со цел да имаат само профит и ништо друго, се убедуваат и лажат родители дека нивните деца се многу перспективни само заради финансиската заработка на клубот. Тешкиот и долготрајниот пат за создавање на млади играчи беше и е заменет со изгласување на можноста да играат шест странци па имајќи го ова предвид и знаејќи го податокот дека тие млади играчи тренираат 10-11 месеци во своите клубови, а само еден месец со репрезентациите се поставува прашањето: Како МКФ е виновна за развојот на кошарката и каде е нејзината моќ тоа да го промени? МКФ е виновна што веќе две години заедно со ФФОСЗ се обидува да го имплементира новиот тренерски лиценцен систем, за да се добие појасна слика за моменталната состојба и квалитет на тренери кои активно се вклучени во и работат по клубовите?
Фактот дека ова раководство најмногу инвестирало во младите селекции со тоа што редовно ги пријавува на европски првенства. Тој податок не може никој да го побие, но сепак, времето поминато на играчите во репрезентацијата е прекратко. Играчите во репрезентациите работат двапати дневно, времетраењето и квалитетот на тренинзите се поголеми, потоа помал број на играчи присутни на тренинзите со што се концентрира и обрнува повеќе внимание на квалитетот.. Сето ова е добро, но мора да се помине повеќе време во вакви околности за да има некоја драстична промена односно ’поместување од нулата’.
Најлесно е да нападнеш и да обвиниш некого дека е неспособен имајќи ја политичката и медиумската прилика на своја страна. Ајде на една кошаркарска јавна дебата на која ќе учествуваат сите поранешни и сегашни кошаркарски работници па да ги искажеме своите ставови се со цел, нели, да и помогнеме на кошарката. Единствено давањето на позитивна енергија и работењето на сплотеноста помеѓу кошаркарските работници може да помогне за да се врати кошарката на вистинскиот пат. Впрочем ние и за тоа се залагавме во изминативе 30 месеци, но опструкциите од дотичните стручни лица траат од самиот почеток па се до ден денес.
Македонската кошаркарска федерација, воедно, сака да им се извини на сите добитници на признанијата за најдобри во 2017 година кои мораа да ги примат наградите во непријатна атмосфера поради настанатата тензија од седницата на Собранието“ се вели во соопштението на Македонската кошаркарска федерација.