Двократниот шампион на Вимблдон Шпанецот Рафаел Надал го заврши синоќа настапот на годинашниов Вимблдон откако во мечот од второто коло загуби од Германецот Дастин Браун со 3:1 во сетови. Ова за Браун е втора победа над Надал во двата меча одиграни досега и двата на тревната подлога (лани во Хале беше 2:0 во сетови).
Инаку, Браун (102.место на АТП листата) на турнирот стигна преку квалификации, а за Надал ова е прв пораз од квалификант. Браун првиот сет го доби со 7:5 во гемови, а Надал изедначи во вториот добивајќи го со 6:3. Во следните два беше 6:4 за Браун, кој во третото коло ќе игра против Виктор Троицки од Србија.
Надал шампионскиот пехар на Вимблдон го освојуваше во 2008 и 2010 година, а последните учества ги завршува во првата фаза од турнирот (до 4.то коло).
Од вчерашните мечеви за одбележување е и триумфот во „маратонскиот меч“ на Иво Карловиќ против Александар Долгополов. Карловиќ во петтиот решавачки сет беше подобар со 13:11 во гемови.
Другите фаворити немаа проблем во мечевите и со победи од 3:0 во сетови пласман во следната рунда остварија: Рожер Федерер, Енди Мареј, Жо-Вилфред Цонга и Томаш Бердих.
Денеска се играат првите осум мечеви од 3.коло кај мажите.