Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го освоија третото место на меѓународниот турнир „Мирза Делибашиќ“, откако вчеравечер го совладаа организаторот и некогашен европски шампион, тимот на Босна Ројал со 78:70 (16:19, 17:13, 24:20, 21:18).
Победата беше обезбедена во третиот период, во кој со серија 14:2 македонскиот шампион дојде до првото повисоко водство на средбата (47:39). Неколку минути подоцна беше двоцифрена позитива (53:43), која дефинитивно најави триумф, прв во подготвителниот период по трите порази од ПАОК, Газиантеп и Будуќност.
Ѓорѓе Дреновац одигра фантастичен натпревар, во кој беше нерешлива енигма за противникот и со 24 поени беше најефикасен поединец во двата тима. Одлично по здравствените проблеми (стомачен вирус) се врати и Џош Скот, кој реализира 17 поени и покажа дека неговото отсуство беше една од причините за синоќешниот полуфинален пораз од црногорскиот шампион Будуќност. Иако ова му беше втор меч во само 36 часа по доаѓањето од САД, Тори Томас беше на висината на задачата, како во организацијата на нападите така и во офанзивниот дел во кој имаше 14 поени (три тројки).
Од останатите, Ксавиер Темс заврши со девет, Џеремаја Мејси со седум, Урош Лучиќ со четири, а Јуре Лалиќ со три поени.
Следен предизвик за „штрковите“ е домашниот Суперкуп, кој се игра на 22 и 23 септември во СЦ „Јане Сандански“.