Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром први изборија пласман во полуфиналето на кошаркарскиот Куп на Македонија што се одржува во Гевгелија. Тие денеска во првиот четвртфинален натпревар го победија гевгелискиот тим Бест со 89:58.
Екипата на Бест само во првата четвртина беше конкурентна со шампионот и ја доби со 21:18. Во вториот период беше 35:10 за МЗТ Скопје со што победникот беше решен.
Најефикасен на дуелот беше Тајрон Харис од Бест со 21 поен, додека Дамјан Стојановски кај МЗТ Скопје постигна 16 поени.
Утре во полуфиналето МЗТ Скопје ќе игра со победникот од дуелот меѓу Кожув и Фени Индустри.
Попладнево се играат и другите четвртфинални дуели, Карпош Соколи – Струмица (почеток 15:30 часот), Куманово – Работнички (почеток 18 часот) и Кожув – Фени Индустри (почеток 20:30 часот).
Во второто полуфинале утре ќе играат победниците од натпреварите, Карпош Соколи/Струмица и Куманово/Работнички. Покрај машките полуфинални натпревари утре се играат и полуфиналните дуели кај жените Бадел – Клупски и Лотос – Студент.
Финалните натпревари на програмата се во недела, женското со почеток во 15:30 часот, а машкото почнува во 19:30 часот.