Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром остануваат без победа во новата сезона во АБА лигата, откако вечерва загубија на гостувањето кај Задар со 71:65, во рамки на 5. коло од регионалното натпреварување.
Лошиот игра во финишот од третата и првата половина од последната четвртина се покажа како клучен фактор за петтиот по ред неуспех на „сино-белите“. Аеродромци во 29. минута дојдоа до првото водство на средбата (52-50), но тука застанаа и му дозволија на противникот да направи серија 16-2 и на пет минути до крајот да дојде до огромни плус десет (66-56), кои значеа и драгоцена победа во борбата за опстанок во АБА-лигата.
Во составот на МЗТ Скопје Аеродром имаше само еден вистински расположен играч, Јуре Лалиќ, кој средбата ја заврши со 19 поени и 12 скока.
Следното коло во АБА лигата е дербито на дното меѓу македонските екипи МЗТ Скопје и Карпош Соколи по што еден од нашите претставници на Јадранот ќе го запише првиот триумф.