Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром доби официјална покана за 20-дневна турнеја во далечната Кина, каде што сите трошоци (пат и сместување) би била платени од организаторот, информираа од клубот.
– Иницијативата доаѓа од кошаркарската федерација на кинеската провинција Џиангсу, која нѐ кани на меѓународниот турнир „Четири нации“ на кој покрај “сино-белите’ ќе настапат уште репрезентацијата на Порторико, силна универзитетска селекција од САД како и најдобрите четири екипи од првенството на Кина. Според предложеното, МЗТ Скопје Аеродром би одиграл 8-12 натпревари во терминот помеѓу 20 септември и 10 октомври, соопшти МЗТ.
Сепак, поканата најверојатно нема да биде прифатена поради совпаѓање на календарот за почеток на АБА-лигата (1 октомври), но и самата покана за искажување на клупскиот квалитет кај азискиот џин е признание само по себе за шесткратниот шампион, додаваат од таборот на аеродромци.
Управата на клубот се уште нема испратено дефинитивен одговор, а во следните денови ќе се разгледаат сите опции односно дали би можело да се најде некаков компромис околу термините со што оваа исклучително силна турнеја во Кина би можело да биде реализирана.