МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе му гостува на црногорскиот тим Ловќен во меч од 15. коло од АБА 2-лигата во обид да ја прекини мини-серијата од два пораза.
И на оваа средба МЗТ ќе биде ослабен со неиграњето на Лестер Медфорд, кој има скршеница на раката, центарот Љубомир Младеновски, кој веќе втор месец се рехабилитира од слична повреда. Добра вест е ангажманот на искусниот Предраг Самарџиски, кој треба да донесе квалитет и стабилност во играта под кошевите и чие второ деби во сино-белиот дрес се очекува вечерва во Цетиње.
Тренерот Ѓорѓи Кочов бара пожртвуваност и максимална мотивираностод своите избраници за да се дојде до посакуваните бодови.
Свесни сме дека нѐ очекува можеби најтешкото гостување до сега. За противник имаме екипа кога игра одлична кошарка, со одлични бекови и високи играчи кои можат да шутираат за три поени. Ова е натпревар во кој немаме избор, мора да влеземе максимално пожртвувано и борбено. Ги знаеме сите нивни предности и слабости, а сметам дека победникот ќе го реши подобрата одбрана, изјави Кочов за клупскиот сајт.
Натпреварот почнува во 18 часот.