Менаџерот на Челзи, Жозе Мурињо изјави дека верува во неговиот тим, кој може да донесе многу трофеи и предупреди дека нема да трпи себични играчи во клубот.
-Има нешто што ви го велам секогаш кога ќе дојдам во нов клуб. Така ќе биде и на 10-ти јули кога ќе ги започнеме подготовките. Доколку сте професионалец и не сте себична личност, ја ставате екипата во прв план и работите 100 проценти за мене и соиграчите и тогаш ќе имаме одличен однос. Но доколку сте себични и не ги почитувате навивачите, ќе дојде до проблем-изјави Португалецот.
Мурињо наведе дека во работата очекува целосна поддршка и од сопственикот на Челзи, Роман Абрамовиќ.
-Понекогаш имате неколку играчи кои не сакаат да ги прифатат правилата. Во тој случај клубот дава поддршка на менаџерот или на играчите. Доколку клубот е зад менаџерот, работата е јасна, играчите кои што не ги почитуваат правилата мора да си заминат-нагласи тој.
Мурињо претходните три сезони го водеше мадридскиот Реал, а во првиот мандат во Челзи од 2004 до 2007 година освои две титули за првак на Англија.
Елена Георгиевска