Трикратниот Формула 1 шампион и возач на Ред Бул Себастијан Фетел, изјави дека многу лесно би можело да се случи да го напушти натпреварувањето или да го промени тимот во наредните неколку години.
25-годишниот Германец не зборува често за заминување од австриската екипа или Формула 1 воопшто, меѓутоа многумина мислат дека тој би можел да побара нов предизвик откако ќе го одработи договорот со Ред Бул на крајот на 2014-та година.
Сега стигна и првата назнака за остварување на овие негови намери.
„Може да се случи за пет години да не бидам во Формула 1, затоа што ќе ми стане здодевно. Можеби ќе возам за некој друг тим, затоа што ќе ми треба поинаков предизвик. Луѓето созреваат со текот на годините и приоритетите им се менуваат“, истакнува Фетел.
Во „најбрзиот циркус“ речиси е незамисливо возач целата своја кариера да ја мине во еден тим, а иако Фетел истакнува дека во моментов е задоволен во таборот на Ред Бул, тоа не значи дека во оваа екипа ќе остане до крајот на кариерата.