Лудите денови во редовите на Манчестер јунајтед продолжуваат понатаму да траат, бидејќи по потврдувањето за заминување од менаџерската позиција на сер Алекс Фергусон, се погласни се шпекулациите дека кон излезната врата на „Олд Трафорд“ се упатува нивната ѕвезда Вејн Руни.
Тој наводно по втор пат побарал дозвола за трансфер, а заинтересиран за преселба во редовите на Баерн Минхен. Од друга страна, за неговите услуги се заинтересирани неколку клубови, меѓу кои најсериозен интерес пројавува Челзи. Вредноста на Руни се проценува на околу 25 милиони фунти. Англискиот ас по се изгледа е сериозно решен да замине, без разлика што на кормилото на Јунајтед ќе пристигне Дејвид Мојс, кој го внесе Руни во професионалниот фудбал во дресот на Евертон.
Медиумите на Островот шпекулираат дека се е подготвено Мојс да биде претставен за наследник на Фергусон, а тоа би можело да се случи уште попладнево.
Наводно постојат големи шанси на Олд Трафорд да се врати Кристијано Роналдо, кој во 2009 година за рекордни 94 милиони фунти замина за Реал Мадрид. „Дејли меил“ пренесува дека генералниот менаџер на „црвените ѓаволи“ Дејвид Гил заминал за Мадрид, каде се сретнал со челниците на „кралевите“.
– Генералниот директор на Јунајтед, Дејвид Гил замина за Мадрид, каде ќе преговара околу враќањето на Роналдо во таборот на „црвените ѓаволи“. Гил во Мадрид ќе се сретне со Хорхе Мендес, агентот на Роналдо. Темата на разговор? Португалецот повторно да се врати во црвено-црниот дрес – се вели во текстот на „Дејли меил“.