Младиот планинар, осум и пол годишниот Ване Бошев од планинарското друштво „Неготино МКД“, во спомен на прерано загинатиот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и неговите соработници, во сабота и недела ќе искачи два врва во соседна Албанија.
За ова информираше денеска неговиот татко Орданче, кој е исто така долгогодишен планинар.
– Станува збор за врвот „Гарови“ со 2.694 метри надморска височина и „Мали Гарови“, со 2.564 метри надморска височина. Нив Ване ќе ги искачи заедно со планинари од планинарските друштва „Елбасан“ и „Томор” од градот Берат во Албанија, рече Орданче.
Бошев планинари од неполни три години и досега има освоено над педесет планински врвови во земјава и странство, а на седум и пол години го освои и Триглав. Има добиено и бројни признанија за планинарство.