Боби Милевски, тренерот на македонскиот шампион Вардар, пред утрешниот реванш натпревар од Купот на Македонија против Металург вели дека најважно во моментов за тимот е да се изолира од постојаните атаци од одредени страни кои служат единствено да се наруши атмосферата меѓу „црвено – црните“, а според него тоа се прави поради нечии лични интереси.
Стратегот на Вардар нагласува дека нападите врз него од одредени медиуми кои течат во континуитет уште од минатата сезона не се удар врз него, но пред се врз фудбалерите и тимот чиј труд упорно се омаловажува, поради што неизбежно чувствува одговорност за одговор.
– Милевски можеби е прочитана приказна, но таа приказна е успешна, приказна која носи титули. За одредени личности таа приказна е неразбирлива затоа што нивната скромна интелигенција не им дозволува да ја разберат. Тоа за нив делува фрустрирачки и болно, посебно кога се во ситуација неизбежно да го прифатат тоа. Сепак, причините треба да ги бараат кај себе а не со понижување на другите, посебно ако се работи за личности кои имаат успеси. Знам дека на многумина им смета Боби Милевски, за да може да ги остварат своите лични цели (финансиски), но тие се најмалку стручни и кадарни да ја оценуваат работата на тренер кој е актуелен шампион на Македонија, и да го омаловажуваат целокупниот труд на фудбалерите во тимот, порачува Милевски преку официјалната веб страна на Вардар.
Тој ги потсетува, како што ги нарече, сите душегрижници кои го сквернавеа „црвено – црниот“ симбол на крајот од минатата сезона со цел да му наштетат на клубот а потоа замолкнаа по освојувањето на шампионската круна, конечно да го остават Вардар на мир.
За моментална состојба во која се наоѓа најтрофејниот македонски фудбалски клуб Милевски вели дека со работа и труд ќе се извлече и ќе тргне напред.
– Најтрофејниот македонски клуб има доволно квалитет, капацитет и сили да се издигне над секоја ситуација, носејќи се самиот соодветно со сите свои проблеми, и повторно да покаже дека е најдоброто во Македонија.
Вардар утре во Охрид ќе ја има улогата на домаќин во реваншот од Купот со Металург којна првиот натпревар победи со 1:0.