Селекторот на македонската фудбалска репрезентација до 21 година Благоја Милевски изрази уверување дека ќе се најде играч што ќе знае да ги претвори во гол шансите кои се создаваат на натпреварите од квалификациите за Европското првенство 2019 во Италија.
– По низата негативни резултати, чувството секако не е пријатно, но мораме да веруваме во нашите фудбалери. Австрија го направи тоа што нас ни требаше – постигна погодок. Гибралтар исто така, а се почна од натпреварот со Србија. Реализаторски способности имаме и се надевам дека ќе пронајдеме реализатор. Најлесно е да се биде негативен, а посебно не ги сакам калкулациите. Ние сега мораме да размислуваме како да победиме на следниот натпревар против Русија, вели Милевски за веб страницата на ФФМ.