Во организација на Атлетскиот клуб „Охрид” и Атлетската федерација на Македонија на 28 април во Охрид за прв пат ќе се одржи меѓународен Меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров” во чест на професорот Влатко Димитров, долгогодишен тренер на охридскиот атлетски клуб.
Претседателот на АК „Охрид“ Пецо Неданов најавувајќи го митингот истакна дека Димитров како тренер има оставено неизбришливи траги во историјата на македонската атлетика и како тренер на охридскиот атлетски клуб, но и како долгогодишен селектор на Атлетската репрезентација на РМ.
– Сметаме дека на овој начин барем малку ќе му се оддолжиме за постигнатото за атлетиката во Охрид и Македонија. Идејата за организација на ваков митинг е уште од минатата година, а оваа година официјално е внесена во календарот на натпревари на АФМ и понатака ќе биде традиционален во последната сабота на месец април секоја година, вели Неданов.
Предвидено е во рамки на Меморијалниот митинг да се одржуваат натпревари во дисциплините трчање на 100, 400, 1.500 и на 3.000 метри стиплчејс, потоа скок во далечина, скок во височина, фрлање ѓуле, диск и копје и тоа во машка и женска конкуренција.
Меморијална дисциплина на турнирот ќе биде натпреварувањето скок во далечина во која покојниот Димитров имаше најмногу успеси во неговата долгогодишна кариера, а во која и денеска националните рекорди ги држат атлетичари што ги тренираше токму тој.
За најдобрите атлетичари на Митингот АФМ ќе доделува медали и дипломи, а организаторот вложува напори да обезбеди макар и симболични парични награди.