Во Делчево се одигра Меѓународен фудбалски пријателски натпревар помеѓу екипите на ФК „Брегалница сениори“ и ТУС „Глан Минчвајлер” од Германија, на кој домаќините славеа со 4:3.
Според Душко Петровски од стручниот штаб на Брегалница Делчево, резултатот бил во втор план бидејќи целта е гледачите повторно да се вратат на трибините.
-Ме радува што после 15 години на стадионот дојде да не гледа публика во поголем број. Ова беше одлична можност јавноста да се запознае со нашата екипа која се натпреварува во третата лига, а од друга страна да видат како игра еден клуб од Германија, истакна Петровски.
Иницијативата за фудбалскиот натпревар потекна од Орце Алексов, тренер на гостинската екипа кој е по потекло од Делчево.
-Се радувам што овој меѓународен спортски спектакл заврши како што треба. Иако резултатот беше во втор план сепак публиката виде седум погодоци, се гледа дека задоволна го напушти теренот. Она што е најважно за нас е што се заврши во една пријателска фудбалска атмосфера, истакна Алексов.
Според планираното двете екипи заеднички натпревар ќе одиграат и во Германија во термин кој заеднички ќе го договорат.