Македонецот Зоран Даноски е новата фудбалска ѕвезда во Чешка, пишуваат локалните медиуми за 22-годишното момче кое игра за прволигашкиот тим ,,Прибрам” и кој на двa натпревара даде два гола и за еден асистираше.
– Го нарекуваат Шукер, но за да го заслужи прекарот според хрватската легенда, мораше да почека на дуелот со Плзењ, кога го исплаши чешкиот шампион, коментираат спортските весници.
Иако Плзењ го доби фудбалскиот дуел, сепак за прилепчанецот Даноски прибрамскиот тренер Франтишек Страка има само пофални зборови, јави дописникот на МИА од Прага.
– Еднаш би сакал да бидам фудбалска ѕвезда, вели Даноски за себе објаснувајќи ја симболичната тетоважа на градниот кош, односно трите ѕвезди кои го најавуваат неговиот сон за стекнување слава.
„Малиот напаѓач“’, кого овде во Чешка така го нарекуваат заради неговите 170 сантиметри висина, фудбалската кариера ја започна во второлигашкиот чешки фудбалски клуб „Бањик Мост“, а сега пред него е шансата за остварување на успешна фудбалерска кариера.